Бизнис
31. January 2018 - 20:31

Бизнисмените загрижени: Владата нема стратегија за економијата

Политичките случувања повторно ја маргинализираа економијата, се жалат бизнисмените.Стопанството не може да оди напред се додека Владата нема Стратегија и визија кои сектори треба најмногу да  ги поддржи. Планот 369 привршува а бизнис секторот скоро да не видел никакви ефекти од него.

Бизнисмените се загрижени за она што се случува периодов. Бараат државата да ги признае проблемите. И да ги  каже вистинските причини зошто земјава воопшто ја нема меѓу рангираните за индексот на конкурентност.

- Денеска бев фрапиран што Македонија ја нема на индексот за конкурентност што го изработува Светскиот економски форум. Зашто не знам, дали е поради недостаток на информации или поради недостаток на стратегија. И кога сме лоши и кога сме добри треба да знаеме кои се проблемите - рече Пешев.

Политичката криза го намали и  приливот од странските инвестиции. НБРМ во последниот извештај нотираше минус на салдото за околу 50 милиони евра. Сепак за надлежните министри бројките не се алармантни. Тие  уверуваат дека има зголемен интерес за вложувања од домашни и странски инвеститори. Иако последната објавена инвестиција на турската компанија Чагарај кабло  ја донесе претходната Влада.

- Политичката криза е надмината, но последиците уште се чуствуваат. Во секој случај, намалувањето на странските инвестиции не можеме да го гледаме од статистички аспект, како што го анализира НБРМ. Неколку преговори со заинтересирани компании за инвестирање се во тек и за два до три месеци треба да се очекува потпишување договори за нови инвестиции со четири до пет компании од областа на автомобилската, медицинската и прехранбената индустрија, изјави Зорица Апостолска Мин. за странски инвестиции

Со завршните сметки од март ќе стартува аплицирањето за мерките од економскиот план на Владата. Ќе бидат поддржани само успешните компании. Оние кои ги исполнуваат условите ќе добијат и до 30 отсто поврат на инвестициите од државата.