Македонија
12. February 2021 - 16:40

Бизнисмените од Прилеп и Битола бараат инфраструктурна поддршка од државата

Иако Преспанско-Пелагонискиот регион учествува со 13% од БДП на Македонија, иако тука се произведуваат 90% од вкупната електрична енергија, 90% од вкупното производство на млеко и јаболка, 70% од вкупното производство на тутун, иако тука живеат 220.000 жители овој регион во однос на инфраструктурата со години е заборавен од државата и претставува слепо црево. Против ваквата состојба остро реагираaт бизнисмените од Прилеп и Битола кои бараат итна изградба на автопатско решение од Велес, преку Прилеп и Битола до границата со Грција. Велат инвеститорите бегале од овој дел токму поради лошите патишта.

„Овој автопат е многу значаен што 250.000 граѓани од Грција, 200.000 од Албанија би комуницирале многу побрзо со овој автопат. Јас сум сведок да повеќе од 5 компании во овие 3 години кои што заминаа во Србија, во Босна, меѓу нив и Кробмерт за жал, поради патната инфраструктура“, рече Мирко Велковски, претседател на Регионална стопанска комора од Битола.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски не одговори конкретно дали Владата ќе ја прифати идејата на бизнисмените за изградба на овој автопат. Рече само дека оваа градежна сезона ќе се продолжело со изградба на двете делници од експресниот пат Прилеп-Градско кои сега се во застој, односно делниците Градско – Дреново каде ќе гради компанијата Штрабах и Дреново – Фариш, каде треба да се избере нова фирма, бидиејчи Владата го раскиина договорот со шшанската Рубау. Годинава ќе започнела и изградба на автопат но, само од Прилеп до Битола, а ќе се реконструирал патот од Битола до Меџитлија,

„Значи ние имаме толку многу отпочнати патни правци овде и навистина сакам да тие мостови кои што ги гледаме покрај патот да конечно бидат патни правци по кои што ќе се движат возила. Да ги расчистиме дилемите со Прилеп – Битола, да влеземе во постапка и секако сме тука да разговараме за сите други барања и можности“, истакна Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

Бизнисмените, но и граѓаните остануваат цврсто на ставот дека овој регион конечно заслужува итна реакција од државата по ова прашање.