Бизнис
7. јуни 2017 - 20:57

Бизнис заедницата бара поретко менување на законите и поголема вклученост во нивното креирање

Компаниите се жалат дека државата не ги консултира при кроењето на законите. Поради честите законски измени повеќето претпријатија остануваат недоволно  информирани и не можат да се навикнат, односно немаат капцитет да ги спроведат.

Ова негативно се одразува на нивниот развој а особено погодени се малите фирми. Посочуваат дека е потребно и поедноставување на  правната регулатива.

Во спроведено истражување преку УСАИД биле опфатени 177 фирми, од кои над 130 се пожалиле дека не се вклучени во носењето на законски решенија.

Испитаните фирми се од повеќе различни области.Најчесто се соочуваат со проблеми во законските решенија  во делот на работните односи, даноци и даночни политики, царини и животна средина.

И американскиот амбасадор во земјава истакна дека за подобра бизнис клима неопходно е да се подобри соработката помеѓу бизнисите и државата. Само со конструктивен дијалог може да се постигне побрз економски раст.

Половина од компаниите опфатени во истражувањето изјавиле дека се консултираат со надворешни лица  за да го усогласат своето работење со законите и не се задоволни од правната регулатива за елиминирање на сивата економија.