Бизнис
26. October 2016 - 14:06

Бизнис конференција на компании од пелагонискиот и регионот Измир

Македонија и Пелагонискиот регион имаат голем потенцијал и инвеститорите треба да ја искористат конкурентската предност на производствените зони, порача министерот за странски инвестиции Џери Наумоф на денешната меѓународна конференција на бизнисмени од пелагонискиот и регионот од Измир Турција.

Наумоф нагласи дека посебно треба да биде привлечно вклучувањето на турските компании во програмата за мотивирање за врабоување на млади луѓе која содржи многу поволности и финансиски ослободувања во период од 36 месеци.

- Турските инвеститори од регионот на Измир, тамошните мали и средни претпријатија кои сакаат да настапат на европскиот пазар треба да дојдат во Македонија, бидејќи ова е најдоброто време за инвестирање во нашата држава. Иако сме мала земја сепак ние ги имаме предностите на многу големи земји и инвеститорите тука ќе најдат оспособени лица кои познаваат компјутерски вештини, странски јазици и други знаења, рече Наумоф и потсети дека Република Македонија и Република Турција имаат потпишано спогодба за избегнување на двојно оданочување и договор за заштита на инвестициите.

Меѓународната конференција и намерите на учесниците ги поздрави министерката за локална самоуправа Ширет Елези која очекува директните контакти меѓу бизнисмените од Македонија и Турција да отворат можности за нови соработки.

- Министерството за локална самоуправа во сите плански региони има воспоставени бизнис центри и мрежи за инклузивен развој со што се обезбедуваат информации за потенцијалот на регионите. Нашата крајна цел е вработување на младите луѓе како солидни и квалификувани кадри. Мерката за вработување на млади кадри која ја донесе Владата овозможува намалување на бројот на невработени млади лица, рече Елези.

На собирот во Битола, претседателот на Советот на пелагонискиот плански регион, градоначалникот Ѓоко Стрезовски истакна дека на турските инвеститори на располагање им се една технолошко индустриска зона, 12 индустриски зони, „браунфилд“ локации и најави отворање на нови зони за странски инвеститори. Директорката на Центарот за развој на пелагонискиот регион Емилиа Ѓероска, пак, посочи дека на 27 генерални менаџери на турски компании овие денови ќе им овозможуват директна средба и контакти со 20 македонски компании, кои, како што рече, со јазикот на бизнисот ќе донесат резултат, односно инвестирање во овој регион.

Според програмата на организаторите, менаџерите од Турција освен во Битола ќе престојуваат и во Ресен и Прилеп каде ќе им бидат претставени инвестициските можности и во тие општини од Пелагонискиот плански регион.