Македонија
28. February 2017 - 13:55

Бизнис конфедерацијата на средба со бизнисмени од Охридско-струшкиот регион

Проблемите со кои се соочуваат бизнисмените од Охридско-струшкиот регион, како и приоритетите и изнаоѓањето решенија за подобрување на бизнис-климата и создавањето одржлив бизнис и деловност на компаниите беа темите на дискусија на денешната средба во Охрид меѓу Бизнис конфедерацијата на Македонија и претставници од локалниот бизнис-сектор.

Станува збор за втора средба од ваков вид со локални компании од земјата, на која се детектираат и посочуваат конкретни пречки типични за одредени дејности и производни сектори.

- Проблемите на претприемачите со своите специфичности детерминираат конкретни барања и приоритети. Врз основа на тоа се даваат конкретни насоки и прецизни одредници како и каде да делуваме и заедно со локалната бизнис-заедница да создадеме подобри услови за непречен економски развој, изјави Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата на Македонија.

Тој посочи дека целта е да се креираат подобри бизнис политики коишто ќе бидат предложени до новата локална самоуправа и новата влада, со цел напредок и економски развој.

Како најголеми проблеми на компаниите од Охридско-струшкиот регион беа посочени нелојалната конкуренција, нееднаквите услови за водење бизнис, а најголеми се нивните очекувања во насока на развој и подобрување на локалната инфраструктура.

Што се однесува до актуелната состојба во земјата и веќе продолжената политичка криза, Бошков констатира дека бизнис-заедницата останува исклучена од донесувањето какви било одлуки, што е погубно за водење бизнис.

- Компаниите пред се оние кои сакаат да инвестираат во Македонија секако дека ги следат состојбите во земјата. Стабилна Македонија, со стабилни организации и стабилна деловна клима се добри партнери, сето друго е дискутабилно, истакна Бошков.

Средбата во Охрид се одржува во рамки на проектот „Унапредување на социјалниот дојалог“ што го спроведува Меѓународната огранизација на трудот, со финансиска поддршка на ЕУ.

Во насока на надминување на проблемите со кои се соочуваат компаниите, Бизнис конфедерацијата на Македонија има изготвено платформа од предлог-политики и стратегии базирани врз најпроблематичните точки во работата на деловните субјекти, и тоа „Владеење на правото“, „Пристап до финансии“, „Претприемачка култура“, „Лојална конкуренција“ и „Овозможувачка правна и регулаторна средина“.