Бизнис
24. August 2018 - 21:45

Бизнис асоцијациите против даночните реформи

Прогресивното оданочување на личниот доход е неприфатливо, сметаат бизнис асоцијациите. АмЧам, МАСИТ и Македонија 2025 во заедничко соопштение велат дека ова не е погоден момент за воведување на прогресивно оданочување, особено не во формата која што неофицијално беше имплицирана.

Предложените мерки нема да го постигнат посакуваниот ефект на подобрување на социјалната еднаквост, но ќе ја намалат продуктивноста, вработливоста и развојот на квалификации.

Сојузот на стопански комори на Македонија смета дека зголемување на даноците не е погодна мерка во услови кога приватниот сектор по повеќегодишната политичка нестабилност изнаоѓа начин да го одржи растот.

ССК смета дека институциите треба да посветат време и ресурси на регистрирање на нерегистрираните субјекти кои континуирано вршат дејност и стекнуваат профит, а притоа не придонесуваат во државната каса. Нивните анализи покажуваат дека од регистрирање и оданочување на нерегистрирани вршители на дејност ќе се постигне поголем ефект за придонес во буџетот, од кое било планирано покачување на данок.

Од Министерството за финансии велат дека програмата ќе придонесе за градење на правична распределба на доходот, креирање на даночен систем заснован на поголема социјална еднаквост и намалување на буџетскиот дефицит.