Ракомет
29. November 2019 - 19:15

Битолските ракометни клубови се фузираа во еден РК Еурофарм Пелистер

Од денеска љубителите на ракометот во Битола ќе навиваат за еден клуб Еурофарм Пелистер откако дојде до спојување на Еурофарм Работник и РК Пелистер во еден клуб. 
 
Потписници на договорот се градоначалничката м-р Наташа Петровска во име на Општина Битола како акционер на РК Пелистер АД Битола, Зоран Стерјев, претседател на РК Еурофарм Работник АД Битола, Горан Петровски, во својство на акционер на РК Еурофарм Работник АД Битола и Сашо Шамбевски, генерален директор на РК Пелистер АД Битола.
 
„Отсекогаш сум се водела од начелото дека спортот треба да биде оставен на спортистите и спортските работници и затоа ценам дека во управните одбори на спортските клубови треба да има спортски работници, меѓутоа и од бизнис-заедницата. Моето залагање како градоначалник е од страна на Општината да се поддржуваат максимално со финансиски средства нивните активности, па РК Пелистер, откако сум градоначалник, има добиено 579.000 евра, што не е сума за занемарување за наши македонски услови. Денес го потпишавме договорот, кој претставува завршница на еден процес, исклучително транспарентен, договорот беше изгласан во Советот, а беше поставен и на веб-страницата на Општината, со што имаа можност и граѓаните да имаат увид во него. Она што посакувам е во периодот што следува ракометна Битола да ја добие славата што ја имаше во минатото“, рече градоначалничката на општина Битола, м-р Наташа Петровска, по потпишувањето.
 
Покрај првиот тим на РК Еурофарм Пелистер ќе има и втора екипа која ќе биде расадник на таленти под името РК Еурофарм Пелистер 2.