Македонија
12. October 2017 - 14:16

Битолска театарска премиера на „Сон на летната ноќ“

Ансамблот на НУ Народен театар-Битола утревечер на матичната сцена ќе ја одигра претставата „Сон на летната ноќ“ од Вилијам Шекспир во режија на гостинот од САД, Џон Блондел.

Претставата „Сон на летната ноќ“, финансирана од Министерството за култура, премиерно беше изведена на „Охридско лето“, а утревечер и на сцената на Битолскиот театар, беше посочено на денешната прес-конференција.

- Оваа драма прв пат ја режирав во 1990 година, во меѓувреме „Сон на летната ноќ“ имаше уште три други продукции, а сега ја режирам по петти, но прв пат во Македонија. Станува збор за една дива, разиграна, моќно раздвижена и комплетно исклучителна драма, според мене најдобрата комедија на Шекспир, а и воопшто најдобрата комедија напишана на англиски јазик, која во Македонија ја преведе Драги Михајловски, рече меѓудругото режисерот Блондел на прес-конференцијата што се одржа во битолскиот Клуб на актерите.

Во претставата „Сон на летната ноќ“ настапуваат актерите Петар Горко, Илина Чоревска, Никола Пројчевски, Марјан Ѓоргиевски, Викторија Степановска Јанкуловска, Маја Андоновска Илијевски, Слободан Степановски, Александар Стефановски, Огнен Дранговски, Катерина Аневска Дранговска, Петре Спировски, Соња Михајлова, Јулијана Мирчевска, Валентина Грамосли, Менка Бојаџиева, Јулијана Стефановска и Елена Моше.