Ракомет
29. November 2019 - 14:17

Битолчани ќе навиваат за еден клуб Еурофарм Пелистер

Денесka е потпишан договорот за уредување на капиталната и управувачката структура на РК Еурофарм Работник АД Битола и РК Пелистер АД Битола.
 
Потписници на договорот се градоначалничката м-р Наташа Петровска во име на Општина Битола како акционер на РК Пелистер АД Битола, Зоран Стерјев, претседател на РК Еурофарм Работник АД Битола, Горан Петровски, во својство на акционер на РК Еурофарм Работник АД Битола и Сашо Шамбевски, генерален директор на РК Пелистер АД Битола.
 
„Отсекогаш сум се водела од начелото дека спортот треба да биде оставен на спортистите и спортските работници и затоа ценам дека во управните одбори на спортските клубови треба да има спортски работници, меѓутоа и од бизнис-заедницата. Моето залагање како градоначалник е од страна на Општината да се поддржуваат максимално со финансиски средства нивните активности, па РК Пелистер, откако сум градоначалник, има добиено 579.000 евра, што не е сума за занемарување за наши македонски услови. Денес го потпишавме договорот, кој претставува завршница на еден процес, исклучително транспарентен, договорот беше изгласан во Советот, а беше поставен и на веб-страницата на Општината, со што имаа можност и граѓаните да имаат увид во него. Она што посакувам е во периодот што следува ракометна Битола да ја добие славата што ја имаше во минатото“, рече градоначалничката на општина Битола, м-р Наташа Петровска, по потпишувањето.
 
Претседателот на РК Еурофарм Работник, Зоран Стерјев, истакна дека за менувањето на името на клубот во РК Еурофарм Пелистер во наредниот период ќе бидат преземени сите административни процедури што се однесуваат на EХФ, Ракометната федерација на Македонија и сите други тела.
 
„Во име на РК Еурофарм Работник сакам да го искажам моето задоволство што по долги преговори, стигнавме до овој момент. Според некои, долги преговори, но според мене, исклучително квалитетни, и тоа е најзначајното, во тоа што го правите да внесете квалитет и темелност, а времето некогаш и не е приоритет кога треба да овозможите иднината да биде светла, особено за нешто што е многу сензитивно за Битола и битолчани, а тоа се ракометот и РК Пелистер. Идејата потекна од спортски работници и поранешни ракометари, кои сметаа дека фузијата на двата сегашни клуба во Битола е основа за да се направи еден поголем исчекор не само на нашите простори туку и на меѓународен терен. Ние сме уверени во тоа дека ќе биде така и ме радува што целокупниот процес се темелеше на исклучителна транспаретнтност, на чесни идеи, а така и ќе продолжи. Основата на оваа платформа за битолскиот ракомет е комплетно да му се врати сјајот на битолскиот ракомет и сите да се гордееме“, посочи Стерјев.
 
Обврските на Општина Битола се во наредните пет години да даде финансиска поддршка од 15.000.000 денари со цел да се постигнат и меѓународни успеси на клубот.
 
Градоначалничката Петровска нагласи дека токму во начелото на транспарентност ќе одржи средба со спортските работници од градот со цел да се добијат нивните сугестии и размислувања за програмата за спорт во 2020 година, како и за лоцирање на финансиските средства за наредната година.