Македонија
8. May 2018 - 17:02

Битолчани бараат начин за самоодржливост на Офицерскиот дом

Арт центар, одржување на Интерфест, отворено кино. Ова се само дел од идејните решенија предложени на јавната трибина во Битола на тема „Офицерски дом – проекти за самоодржливост и функционалност“. Целта беше да се најде решение за посветла иднина на еден од најмаркантните објекти на Широк Сокак кој е во незавидна состојба, и покрај неговото историско и културно значење.

-Горниот дел на Офицерскиот дом каде што знаеме дека е дефинитивно најакустичната сала во нашиот град, треба да остане таква, сала за концерти, сала каде Интерфест би ги имал своите изведби. Во долниот дел таканаречениот Арт Центар. Цениме дека тоа треба да биде поставка, флексибилна, на се она што претставува наше културно наследство, изјави Наташа Петровска, градоначалник на Општина Битола.

-Како млад човек верувам дека ништо не е напишано во камен, дека се може да се измени со волја, изјави Ратко Христов, претседател на Ротари клуб Битола, организатор на трибината.

Согласно законската регулатива, изградба на нови времени објекти таму не е можно.

-Постоечката ситуација кажува дека дури и предлогот кој општината го имаше претходно дадено односно беше иницијатор за враќање на функцијата на дел од просторот во поставување сала за венчавки не е дозволено согласно постоечкиот елаборат за валоризација на Офицерскиот дом, изјави Мери Стојанова, директор на Завод и музеј Битола.

Од битолскиот музеј велат дека е можно самоодржување само со добра стратегија.