Македонија
3. August 2021 - 16:46

Битола се потсети на пожарот од 2007 година, но за жал државата ништо не научила од искуството

Она што се случуваше синоќа во Кочани е истата слика како во 2007 година во Битола кога огнот почна да влегува во градот, но и во 2012 кога пожарот му се закани на Националниот парк Пелистер. Костадин Поповски кој е магистар по заштита од пожари и обучувач во Центарот за обука на пожарникари „Пегаз“ кој до неодамна беше повеќе години командир на битолската противпожарна единица, смета дека треба да се учи од ваквите искуства.

-Треба само благовремена и одлучна интервенција. Но ако немаме доволен број на професионални пожарникари, обучени и доброволни пожарникари, ако благовремено не направиме соодветен пристап и тактика на гаснењето, кое е тоа место, ако доведеме пожарот да дојде во развиена фаза, нема што да се организира, вели Костадин Поповски, експерт за заштита од пожари.

Вели дека најбитна е концентрацијата на едно место, но и организациската поставеност.

- Таа концентрација на едно место е она што раководи со пожарот, значи командирот од Кочани кажува дека овој реон е најкритичен и цела концентрација треба да се одвива на тој реон да не дојде до проширување. Тука во таквите моменти каде има голема хаотична ситуација, најважната работа е координацијата. Кој е тој што ќе ја координира цела таа акција. Дали локалната самоуправа, државните институции. Ако веќе ангажира и мобилизира републички сили за заштита и спасување, тогаш командантот на Републичкиот штаб за заштита и спасување е тој кој треба да ја кооридинира акцијата. Затоа што успехот на една таква акција како вчерашната, или битолската, исклучиво зависи од координацијата и раководењето на пожарите, вели Поповски.

Што се однесува за помошта од граѓаните вели дека можат да помогнат само во почетниот пожар, со гранка, лопата или слично.

-Но во распламтен пожар како синоќа, или битолскиот, тогаш во никој случај не смее граѓанинот да се вклучи, мора гасначот на пожар да биде комплет опремен, со заштитна маска, опрема и да се вклучи во гаснењето пожар, вели Поповски.

Според Поповски, Ертракторите и хеликоптерите се само помагала во текот на акцијата, главниот удар во гаснењето на пожарот е човечкиот фактор.