Македонија
20. September 2021 - 13:03

Битиќи: Во услови на пандемија донесовме одлуки и мерки за да ги зачуваме работните места и ликвидноста на компаниите

Ковид-19 бараше брзо приспособување и носење  одлуки кои ќе одговорат на предизвиците од пандемијата која го погоди целиот свет. Владата на Република Македонија имаше навремена реакција за ефикасно да одговори на ситуацијата, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во видеообраќање на отворањето на Меѓународната економска летна школа „Направи разлика: Научете како да го процените економското влијание на пандемијата од Ковид-19“ што денеска ја организира Економскиот факултет на „Универзитетот Св. Кирил и Методиј“.

– Успеваме во нашите намери, успеавме да направиме разлика. Целата ситуација беше нова за сите, бараше да размислуваме за нови начини, нови политики, да правиме дополнителни напори и да дефинираме нови приоритети за да го пронајдеме вистинскиот начин на кој ќе се справувавме со сите прашања, помеѓу кои беа и прашањата поврзани со економскиот живот. Секако дека првиот приоритет беа здравствените мерки. Успеавме да обезбедиме нашиот здравствен систем да ги добие потребните средства за справување со оваа криза. Ги алоциравме средствата од буџетот на таа цел и ги обезбедивме потребните за приоритетно да го заштитиме здравјето на граѓаните, рече вицепремиерот Битиќи.

Посочи дека со дефинирањето на приоритетните мерки кои се насочени кон здравствената заштита на граѓаните, Владата паралелно работеше и на креирање економски мерки, со оглед на тоа дека беше сосема јасно дека економијата ќе биде погодена со воведување на ограничувачките мерки во нашата, но и во сите други земји во светот.

– Во моментот кога требаше да се донесат овие одлуки, имавме едно ограничено искуство од финансиската криза пред 10 години: со тоа што ќе ги задржиме луѓето вработени во нивните компании, кризата може да се заврши побрзо, бидејќи кога ќе пристигнат нови нарачки, компаниите не мораа да вработуваат нови луѓе и да ги обучуваат. Ова искуство, ефикасноста на шемите за одмор, веднаш се примени низ цела Европа. Но, покрај тоа, со генерации немаше искуство со економските влијанија на ограничувачки мерки, кои се воведуваат за време на големите здравствени кризи, а особено не во денешните индустриски услови и во економска ситуација која беше доста добра и стабилна во периодот пред да се појави вирусот, рече Битиќи.

Меѓу главните економски приоритети за сите граѓани и бизниси и на почетокот на кризата и во целото времетрење, додаде Битиќи, е да се одржи ликвидноста на компаниите и на граѓаните. Посочи дека заедно со Народната банка на Република Македонија Владата донесе мерка со која дозволи одложување на ратите на кредитите, како и одложено плаќање на даноците.

-Во бројки – беа одложени вкупен износ од 2,4 милијарди евра од банкарски заеми на граѓаните и компаниите, околу 4,5 милиони евра за данокот на добивка и 160.000 евра за плаќање кирија за социјални станови. Интеревениравме брзо и спречивме отпуштања на граѓаните со мерки во вредност од 140 милиони евра, а за оние кои, за жал, ги изгубија своите работни места, наменивме дополнителни 1 милион евра преку системот за социјална заштита. Пандемијата влијаеше посилно на одредени гранки и поради самата нејзина природа одредени дејности навистина останаа без работа: музичарите, туристички водичи, компаниите од угостителската дејност, градинките, фитнес-центрите, туристичките агенции, хотелите, организаторите на настани, фото-студијата и некои други дејности, за кои наменивме најсилна поддршка со економските мерки, потенцираше Битиќи и додаде дека мерките направија позитивна разлика да се задржат работните места, да се одржи ликвидноста на компаниите и да се одржат во функција оние компании кои поради природата на пандемијата беа спречени да ги остваруваат функциите за кои се основани.

Резултатот од спроведените шест пакети мерки е очигледен и тоа, рече вицепремиерот, може да се забележи преку анализата на основните макроекономски индикатори.

– Бројките за активности на пазарот на трудот се прилочно стабилни, процентот на невработеност е стабилен. Имавме уште една историски ниска стапка на крајот на вториот квартал со 15,9 отсто невработеност, проследено со постојан раст на стапката на вработеност, која изнесува 47,3 отсто на крајот на вториот квартал од 2021 година. Нашите компании добро се опоравуваат, па дури и покажуваат тенденција на раст, при што извозот од Република Македонија е дури и поголем во досегашниот дел од 2021 година споредено со истиот период во 2019 година. Во вториот квартал од 2021 година бележиме голем раст на бруто домашниот производ од 13,1 проценти. Сето ова е позитивно, но ние сакавме да гледаме и подалеку, да направиме разлика и во посткризниот период и паралелно со мерките за намалување на ефектите од кризата, креиравме и мерки кои ќе направат поголем раст и побрз развој на домашната економија на среден рок, нагласи Битиќи и додаде дека за тоа е креиран Интервентниот план за инвестиции.

Со Интервентниот план за инвестиции, кој е среднорочен инвестициски план за следните седум години, со вкупен планиран износ од 8,2 милијарди евра, инвестициите во Македонија, наведе Битиќи, ќе бидат повеќе од 3,14 милијарди евра во обновлива зелена енергија, 2,74 милијарди евра во инфраструктура, 800 милиони евра во производство итн.

Додаде дека иднината на нашата земја е во стабилен и конкурентен регион кој ќе работи кон креирање  заеднички, регионален раст наместо создавање меѓусебна конкуренција.

Покрај вицепремиерот Битиќи, Меѓународната економска летна школа со обраќања ја отворија и ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, деканот на Економскиот факултет, проф. д-р Предраг Трпески, и претседателот на организацискиот одбор на 11. Летна економска школа, проф д-р Игор Ивановски.