Бизнис
15. September 2021 - 20:49

Битиќи: Компаниите се подготвени да инвестираат затоа што гледаат дека политиките даваат ефект

Кај компаниите постои подготвеност да инвестираат затоа што гледаат дека политиките што се воведени за поддршка на инвестициите, но и за зголемување на конкурентноста почнуваат да даваат ефекти, порача вечерва во Тема на денот на Сител Телевизија вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Нагласи дека оптимизмот кај компаниите не е заснован на интервенции од страна на Владата и државата во стопанството, туку двигател на развојот е самото стопанство заради, како што рече, воспоставениот систем на мерки и програми кои алудираат на структура на економијата која е поддржана, но при тоа не да го води стопанството, туку стопанството да е водено од стопанственици.

-Во 2017 година кога го воведовме Законот за финансиска поддршка на инвестициите имаше 27 договори  за поддршка на домашните и странските компании. Во овој момент со менувањето на целосниот систем на поддршка на компаниите и начинот на кој ги управуваме договорите имаме 245 договори со компании кои веќе имаат инвестициски циклус од над 150 милиони евра, а државата ги поддржува, рече Битиќи во интервјуто за ТВ Сител.

Тој нагласи дека само во 2021 година до овој момент се прегледуваат 150 нови барања за поддршка на инвестициски циклуси.

-Нашите предвидувања се дека до средината на октомври, кога треба да заврши процесот за годинава, ќе завршиме со 380 активни договори за поддршка на инвестиции од домашни и странски компании надвор од инвестициите во ТИРЗ. Кога ќе ги додадеме и нив ќе дојдеме до бројка од 420 компании кои влегле во инвестициски циклус, истакна Битиќи.

Ни една од нив, прецизира, не е во инвестициски циклус од една година, туку сите се во период од пет до десет години.

-Кумулативно заедно со тие со кои преговараме ние зборуваме  за инвестиции во наредниот период од 700 до 800 милиони евра само во преработувачкиот сектор, посочи Битиќи и им порача на стопанствениците кои сакаат да влезат во инвестиции дека во Владата ќе најдат партнер кој ќе се придржува до секоја договорна обврска што е потпишана без разлика дали е потпишана од актуелната или од некоја претходна влада.

За растот на економијата во вториот квартал од годинава за 13,1 процент рече дека е таков каков што очекувале во фазата на опоравување од КОВИД-кризата.

-Уште сме внимателни да кажеме дека целосно навлегуваме во фазата на опоравување затоа што нашата економија е доста зависна од другите економии. Во извозно ориентирана економија во која што скоро 48 отсто од извозот го креираме со Германија, ако  нивната економија трпи загуби, а тие во двата квартала од 2021 имаат пад на БДП, не можеме ние да очекуваме дека овде ќе биде навистина периодот на опоравување затоа што сме извозно зависни и нашиот БДП секако е зависен. Но, сметам дека има доволно добри индикатори коишто укажуваат дека ова зголемување не носи и во добра насока, да го фатиме трендот на постигнување на растот на БДП од 4,1 отсто што го имаме зацртано за 2021 година, рече Битиќи.