Бизнис
21. April 2021 - 14:04

Битиќи: Ефектот од помошта за туристичко угостителскиот сектор ќе биде видлив

 Одобривме вчера пакет од 17,8 милиони евра за еден сектор за којшто навистина сметаме дека е битен, без никакви скриени намери. Го понудивме тоа со што во овој момент државата може да помогне, оцени денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

-Намерата е јасна, јавно кажана. Дадовме одреден модел со којшто ќе се поддржи секој субјект од секторот угостителство, како и секторот туризам т.е. туристичките оператори и туристичките агенции со тоа што во овој момент државата може да помогне, рече Битиќи во одговор на прашање на денешното потпишување договор за државна помош со компанијата „Дрекселмајер“.

Нагласи дека со туристичко угостителскиот сектор постојано имаат контрадикторни изјави и ставови дали мерките се доволни и навремени и дали ги опфаќаат сите.

-Сметам дека тоа е одраз на тоа што недоволно комуницираме. Секако ние понудивме одреден пакет, ги видов одредените реакции. Јас сметам дека нема никакви скриени намери. Остануваме на ставот дека сите владини програми во различните министерства оваа година се ориентираат кон справување со КОВИД и во суштина не би требало да ги гледаме парцијално одредени мерки како што беа мерките вчера, туку треба да ги гледаме интегрирано заедно со сите други програми и на крај на годината ќе зборуваме кој е ефектот, потенцира вицепремиерот.

Ако ги гледаме парцијално, додаде, сите ќе можеме да направиме одредено различно толкување, но, посочи, мораме да ги гледаме интегрално како мерки во кои на крај ефектот ќе биде видлив.