Македонија
25. May 2018 - 16:22

Бистата на Тито вратена во прилепскиот Музеј - градот бара копија од украдениот орден доделен од Тито

Бистата на Јосип Броз Тито е повторно вратена во поставката на Участакот во Прилеп, местото каде што во 1941 година започна востанието против фашистичкиот окупатор. Бистата била тргната од своето место со реконструкцијата на музејот во 2011 година. Директорот на Завод и Музеј Прилеп Благоја Атанасоски изјави дека со овој чекор се исправала една неправда нанесена кон ликот и делото на Тито за кого пак историјата ќе кажела дали тој бил важен за Македонија или не. 
 
„Таа е дел од поставката и концепцијата на Участакот, но ете некој решил да ја тргне од делот што го зазема во музејот. Ние сега се потрудивме да ја исправиме таа неправда, неправда како личност која е врзана за нашата историја. Дали Тито е важен за Македонија или не ќе покаже историјата“, истакна Благоја Атанасоски, директор на Завод и Музеј Прилеп.
 
Атанасоски нагласи и тоа дека во постапка било правење на копија од Орденот за Народен херој кој што Тито во 1975 година му го доделии на Прилеп како Град Херој. Инаку оригиналниот Орден исчезна од просториите на Општина Прилеп некаде во 1993 година и од тогаш не е пронајден. 
 
„Стапивме во контакт со фирма во Скопје која што ги изработува тие обележја. Орденот е испратен со документција за него и ќе направиме напор да се направи копија, една која ќе стои тука во музејот и една во локалната самоуправа. Се очекува ова лето да биде готов Орденот“, додаде Атанасоски.
 
Релјефна спомен плоча на Орденот изработена од мермер како споменик ќе биде поставена и во централното градско подрачје. 
 
Инаку во поранешна Југославија најпрвин ова признание Орден за Народен херој го добила Љубљана во 1970, потоа Дрвар и Белград во 1974, а во 1975 година, Орден за Народен херој добиваат и градовите Прилеп, Загреб, Нови Сад, Приштина и Цетиње.