Свет
29. April 2021 - 14:06

Бионтек во јуни очекува одобрување од ЕУ за вакцина за деца на возраст од 12 до 15 години

Германската лабораторија „Бионтек“ наскоро ќе достави барање до ЕУ за одобрување на својата вакцина против Ковид-19 за деца на возраст од 12 до 15 години и очекува таа да биде одобрена веќе во јуни.

– Во Европа сме во завршна фаза пред да ги предадеме податоците за клинички испитувања до Европската агенција за лекови (ЕМА) и постапката треба да трае четири до шест недели, изјави ко-основачот и директор на лабораторијата Угур Сахин за германското списание „Шпигел“.

Вакцината во моментов е одобрена само за лица на возраст над 16 години.

Бионтек и неговиот партнер Фајзер на почетокот на април поднесоа барање во САД за проширување на итното одобрување на вакцините за адолесценти на возраст од 12 до 15 години.

Барањата за одобрување се засноваат на податоци од клиничко испитување во трета фаза за таа возраст објавени на крајот на март, кои „покажаа дека вакцината е 100 проценти ефикасна“ во спречување на болеста, соопштија лабораториите.