Балкан
22. May 2016 - 8:49

Бинали Јилдирим ќе биде избран за нов премиер на Турција

Министерот за транспорт на Турција Бинали Јилдирим денеска ќе биде избран за претседател на владејачката турска Партија на правдата и развојот (АКП) и за премиер на земјата.

Јилдирим е близок соработник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и тој ќе дојде на местото на Ахмет Давутоглу, кој поднесе оставка од лидерската позиција во партијата и премиерската функција по серијата несогласувања со шефот на државата. 

Јилдирим е единствениот кандидат за лидер на АКП и тој ќе биде избран денеска на специјалниот партиски конгрес, изјави портпаролот на партијата, Омер Челик. 

Јилдирим изјави дека неговата номинација е резултат на консултациите меѓу приближно 800 важни членови на АКП. 

- Ќе ги вложиме сите напори за да работиме во целосна хармонија, пред се со нашиот основач и лидер, а потоа со нашите колеги на сите нивоа на партијата за да ги исполниме целите на нашата земја, рече Јилдирим.

Ердоган, иако по преземањето на претседателската функција повеќе не на челната позиција на АКП, се смета за нејзин основач и духовен лидер.