Македонија
23. јуни 2017 - 10:31

Билјана Камчева одржа рецитал за глас и флејта во Кавадарци

Рецитал за глас и флејта одржа синоќа Билјана Камчева во Домот на културата „Иван Мазов-Климе" во Кавадарци. Станува збор за проект поддржан од Министерството за култура на Република Македонија.

Билјана Камчева од Кавадарци своето класично основно и одновното музичко образование ги завршила како првенец на својата генерација. Има добиено специјално признание од поранешниот кавадаречки градоначалник, за посебно залагање и афирмација на градот во државни и меѓународни рамки.

По препорака на наставничкиот совет, а поради постигнатиот значаен одличен успех, паралелно ги завршила втората и третата година од средното образование. Дипломирала и магистрирала на Факултетот за музичка уметност Скопје со оценка 10. Има постигнато значајни резултати на државни и меѓународни натпревари. Ректорот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј" во 2015 година и доделува посебна пофалница за постигнат најдобар успех во студирањето. Паралелно со студиите за флејта, студирала и на студиската програма за соло пеење и дипломирала минатата година. Во 2015 година ја добила и стипендијата „Петар Стаматов" која ја доделува Универзитетот, за своите најуспешни студенти. Заради пстигнатите резултати, фондацијата „Pre art" од Швајцарија и подарува професионална флејта „јамаха". Беше член и прва флејта на Сомфонискиот оркестар на Факултетот за музичка уметност. Има бројни настапи и награди во земјава и странство.

Настанот се одржа во организација на Културниот дом и градоначалникот и Советот на општина Кавадарци. Камчева беше придружувана од Елена Атанасовска Ивановска на пијано.