Балкан
9. December 2016 - 11:07

БиХ денеска го добива Прашалникот од ЕК

Босна и Херцеговина денеска ќе го добие Прашалникот од Европската комисија, а во него ќе има приближно 3.500 прашања, од кои зависи добивањето кандидатски статус за нејзино членство во ЕУ.

Прашалникот во Сараево ќе го донесе еврокомесарот за проширување и добрососедски односи Јоханес Хан.

Едно од прашањата, кое речиси е извесно дека ќе биде застапено, се однесува на пописот на населението.

Меѓутоа, како официјалните претставници ќе се усогласат во тој сегмент останува да се види, имајќи ги во предвид сите несогласувања на релацијата статистички заводи и агенции.

Од Делегацијата на Европската Унија во БиХ порачуваат дека е неопходен ангажман на сите нивоа за да се осигура непречен процес на давање одговори на Прашалникот.

Ова, порачуваат од делегацијата на ЕУ, воедно ќе послужи како тест за функционалноста на механизмот на координација.