Македонија
11. September 2019 - 8:43

Бигорскиот манастир го одбележува патронот

Бигорскиот манастир го одбележува Отсекувањето на чесната глава на неговиот славен патрон и небесен застапник, великиот пророк, претеча и крстител Господов Јован.

На манастирската слава синоќа во предвечерието на празникот беше отслужена свечена архиерејска Вечерна богослужба.

На денот на патронот денеска ќе се одржи Света архиерејска Златоустова литургија со која ќе чиноначалствува митрополитот повардарски г. Агатангел.

-Славното Бигорско светилиште кое низ вековите било гордост на нашите предци и столб на нивната православна вера и самобитност, особено за жителите на овие краишта, и денес со истата ревност продолжува да сведочи за евангелската Вистина и да ја јакне верата меѓу народот. Сите заедно и ова господово лето на овој ден ја покажуваме должната почит кон Светиот Јован Крстител и нашата пожртвувана љубов кон неговото вековно Светилиште, стекнувајќи го на тој начин благословот на светиот Претеча, велат од Бигорскиот манастир.

Посочуваат дека огромното присуство на верници е проследено со огромна радост, бидејќи ова вековно духовно светилиште постојано силно сведочи за подвизите на Св. Јован Крстител.

Инаку, традиционално, како што било со векови, по повод патронот, во Бигорскиот манастир, престојуваат верници од сите делови на државава, кои овде доаѓаат неколку дена пред празникот, но најмногу вечер и утре, кога се ичекува да ги има над 2.000. Без оглед од каде се, како што самите велат, за сите нив ова е место исполнето со спокој, мир и љубов.

Манастирот е основан во далечната 1020 година од првиот Охридски Архиепископ Јован Дебранин. Посветен е на Крстителот Господов, Свети Јован, за кого самиот Господ Исус Христос рекол дека меѓу родените од жена нема поголем од него. Низ вековите минал низ многу премрежија и голготи, последната беше на 30 септември 2009, кога пожар го пеплоса Горни Палат, но опстоил за да говори за постоењето на православието на овие простори.