Бизнис
6. July 2020 - 16:58

Библиотеките конечно отворени, се влегува по протокол, а вратените книги не се ре-издаваат 3 дена

По речиси 4 месеци пауза, библиотеките повторно ги отворија вратите за читателите. Поради коронавирусот читалните остануваат затворени.

Сите оние кои сакаат да влезат во библиотека, ќе може да го сторат тоа под посебно утврдени протоколи.

Освен задолжително носење маска, дезинфицирање на рацете и одржување растојание од 2 метра, според протоколите за работа, во секој оддел во библиотеката може да влезе само по еден корисник. Книгите кои се враќаат, се издвојуваат и нема да бидат достапни за изнајмување во наредните 3 дена.

Оние малкумина кои денеска дојдоа во градската библиотека „Браќа Миладиновци“, велат дека ги знаат мерките и ги почитуваат.

Библиотеките ќе работат од понеделник до петок, со скратено работно време.Овие установи, се меѓу последните кои добија дозвола за работа. Претходно зелено светло добија обложувалниците, рестораните, кафулињата, моловите, теретаните, автошколите, аеродромите. А од пред неколку дена може да се одржуваат и спортски натпревари без публика и концерти со преполовен капацитет.