Македонија
9. March 2020 - 20:35

Безмалку два месеци нема никаква трага од исчезнатата 28-годишна Марија Брзакова од струмичко Босилово

Безмалку два месеци нема никаква трага од исчезната 28 годишна Марија Брзакова од струмичкото село Босилово. Исчезнувањето на младата жена чија трага според пријавата се губи на 18 јануари  и понатаму останува мистерија.  Нови конкретни информации  немаат ниту од полицијата ниту пак јавното обвинителство од каде веќе извесен период го водат случајот. Единствено што информираа од обвинителството во Струмица е дека на случајот се работи интензивно и активно се преземаат мерки за негово  расчистување.

Имајќи во предвид дека помина подолг временски период од пријавувањето обвинителството ги разгледува сите три можности на случајот, односно дека младата мајка навистина е исчезната, можноста од само повредување или одземање на сопствениот живот, но и можноста од насилна смрт. Но засега нема никакви информации со кои некоја од овие опции  би била потврдена или пак демантирана. Она што за сега е потврдено дека таа официјално не ја поминала државната граница.

– Потрагата по младата жена континуирано продолжува. Флаери со нејзини фотографии, но со и контакт броеви на кои што може да се обратат граѓаните  има насекаде низ градот но и населените места. Излепени се по јавните површини, но и по излозите на продавниците.Но до овој момент потрагата е безуспешна.

Фотографија со името на Марија Брзакова од неодамна се наоѓа и на листата на исчезнати лица на министерството за внатрешни работи. По пријавата за исчезнувањето,  во потрага по 28 годишната Марија  освен истражните органи  се вклучија и голем број граѓани и граѓански организации. Потрага организираа и ловџиите од општина Босилово, а се пребаруваше и по ридовите и речните корита и каналите, но без никаков резултат.

Брзакова нејзиниот дом го напуштила на 18 јануари и од тогаш и се губи секаква трага. Со себе не понела никаков личен документ, телефон или пак пари.