Бизнис
18. May 2017 - 11:06

Безбедноста при работа прв приоритет во РОЦ Саса

Рудникот Саса за тековната година најавува инвестиции од 10 милиони евра. Дел од нив, или околу три милиони евра се однесуваат за нова опрема за рударите, со што безбедноста при работа останува прв приоритет и во програмата за работа на новиот генерален директор на Саса, Неил Роберт Стевенсон кој пред три недели на оваа позиција го замени Александар Раков. Максим Прохоров, директор за инвестиции во РОЦ Саса истакна дека рудикот планира поголема активност во повеќе дејности.

- Овие инвестиции се дел од програмата на новиот генерален директор на Саса, Неил Роберт Стевенсон од Австрија кој, освен зголемување на безбедноста при работа, најавува и примена на повеќе еколошки аспектт во развојот на Саса и засилување на социјалната активност на Саса и соработката со институциите, рече Прохоров.

Тој додаде дека со новата опрема за рударите ќе се замени старата набавена пред 10 години.

- Ние оваа година го завршуваме комплетниот циклус за промена на рударската опрема набавена во периодот од 2006-2008 година и со тоа ќе им обезбедиме на нашите работници поголема безбедност при работа, бидејќи во РОЦ Саса безбедноста е пријавена како приоритет број еден, Рудникот Саса во областа безбедност при работа е на ниво на најдобрите рудници во светот, пред сѐ на ниво на австралијански рудници,кои важат за најбезбедни во светот, и ние се надеваме дека нашите рудари ја сфаќаат нивната улога во задржување на таквото ниво на безбедност, а што се однесува до раководството на рудникот Саса, ние ќе бидеме среќни, ако и понатаму добиваме препораки од наши вработени, синдикатот, од надлежни институции за спроведување на подобри безбедносни мерки, истакна Прохоров.

Во Саса интензивно се работи и на изградбата на новото хидројаловиште кое треба да е готово до 2018, а инвестицијата во него, од 7 милиони евра треба да му овозможи непречена работа на рудникот во наредните 10 години. Рудникот „САСА“ е еден од најголемите рудници за олово, цинк, сребро во Европа, кој годишно произведува околу 30.000 тони олово, 22.000 тони цинк и 400.000 унци сребро во концентрат.