Македонија
24. February 2020 - 21:12

Безбедноста на судовите е на најниско можно ниво

Безбедноста на судовите е на најниско можно ниво. Материјалната состојба на македонските судски полицајци е катастрофална, а последен пат задолжиле униформи пред 12 години.

- Секоја година се префрла како обврска на секој претседателот на судот да набави униформа и оставени сме на нивната добра воља. Каде се набавило по нешто, каде ништо и изгледаме како паравојска, затоа што секаде се различни униформи. Секој претседател од различно место си набавува-изјави Владимир Литовски, претседател на незавиден синдикат на судската полиција

Парадоксално е, додава Литовски, што секоја година Министерството за правда го носи планот на програмата за едукација и тренинг, а досега никогаш не е спроведен во пракса. Во програмата е предвидена обука со автоматско оружје, работа на скенери и магнетни врати, нешто што во реалноста не постои или не функционира.

- Имаме судови каде судските полицајци немаат ни униформа, а да не зборуваме за оружје, скенери или магнетни врати, а и таму каде што постојат во поголем дел се нефункционални и не може да се изведува таквата обука-изјави Литовски

Од министерството се оглушиле и на нивните барања за 20% покачување на платите и воведување на бенефициран стаж.

- Навистина не личи во униформа човек на 64 години да може да се справува со криминалците-додаде Литовски

Во македонските судови работат 183 судски полицајци, а службата е формирана пред 23 години, по инцидентот во виничкиот суд, каде во тек на судска постапка се случи трократно убиство.