Свет
14. November 2015 - 12:40

Безбедносна тревога во Британија по терористичките напади во Париз

Безбедносните власти во Велика Британија одлучија максимално да ги зголемат мерките за заштита од можни терористички напади на британската територија, по она што се случуваше синоќа на улиците на Париз, но и по информациите дека во Сирија е убиен „Џихадистот Џон“.

Според заменик комесарот на Скотланд Јард, Марк Роули, Британија веќе се наоѓа во високата втора фаза од безбедносна тревога, што значи дека постои „голема веројатност“ од терористички напад во земјата.

Нивото на тревога би можела да се зголеми, по денешната вонредна седница на владината Комисија за вонредни ситуации (КОБРА), со која ќе раководи премиерот Дејвид Камерон, а на која ќе присуствуваат и владини министри, како и директорите на разузнавачките агенции и на полицијата.

Британскиот Скотланд Јард има испратено свои безбедносни оперативци во Париз, кои прибираат разузнавачки и безбедносни информации за нападите, но и споделувајќи потребни информации со француските безбедносни служби и полицијата.

Безбедносните власти побараа од британската јавност, максимална претпазливост, сугерирајќи им да бидат внимателни кон се што им изгледа сомнително.

Разузнавачката агенција МИ5 настојува да ги истражи сите радикални групи и милитантни исламисти кои делуваат на британска територија, стравувајќи од можен одмазнички напад во Британија, поради вестите дека е убиен „Џихадистот Џон“.

Овој британски муслиман, кој заедно со неколкумина свои истомисленици се приклучи на групата Исламска држава, предизвика шокираност во меѓународната јавност, фотографирајќи со со ликвидираните жртви на ИД.

Воведена е посебна заштита околу семејството на Мохамед Енвази, како што е вистнското име на овој џихадист кој беше откриен според лондонскиот акцент на англискиот јазик, при обраќањата и заканите упатени до јавноста.

Засега нема службена потврда за неговото убиство, но на интернет веќе се регистрирани изјави во кои се оплакува неговата смрт и се праќаат одмазди дека ќе биде одмазден.