Loading Video...
Кошарка
20. November 2017 - 11:47

Без странски засилувања македонските кошаркари во новите квалификации

Првпат по 15 години кошаркарската репрезентација на Македонија ќе игра без странски засилувања.
 
Првите два натпревари од предквалификациите за Евробаскетот 2021 година, Македонија ќе одигра без странските засилувања, иако селекторот Јорданчо Давитков на поширокиот список ги имаше Американците, Џордан Теодор, Ричард Хендрикс и Лестер Бо Мекејлеб. 
 
Првиот собир и тренинг на репрезентацијата мина и без ветеранот Ѓорѓи Чековски кој на синоќешниот меч меѓу Гостивар и Работнички се здоби со повреда, како и Бојан Трајковски кој вчера играше на мечот меѓу МЗТ Скопје и Будуќност, но има проблеми со препоните. 
 
Останува да се види дали барем еден од нив ќе може да помогне во играта под обрачите, на средбите против Словачка на гости и Швајцарија дома (на 23 и 26 ноември). 
 
„Ќе видиме каква е повредата на Чековски, па ќе решиме што и како со неговиот статус во репрезентацијата, а дефинитивно ќе играме без странец. За Трајковски, пак, знам дека треба да биде во екипата, а зошто не тренира сега навистина не знам. Ќе видиме деновиве каква ќе биде ситуацијата поврзана со него. Репрезентацијата ќе биде подмладена, со играчи кои во иднина ќе треба да бидат во улога на лидери. Словачка добро ја знаеме, додека Швајцарија можеби е нешто поголема непознаница иако имам доволно информации за неа. Словаците дефинитивно ќе ни бидат најголемиот ривал со двајца Американци во тимот, едниот натурализиран, а другиот не знам каков е, ама им дозволиле да играат на таков начин. Ќе одиграме најдобро што можеме, а што ќе ни донесе тоа ќе видиме в недела навечер, после вториот натпревар од овој циклус“, изјави Давитков.
 
На првиот тренинг од повиканите ги немаше ниту кошаркарот на Куманово, Марјан, како и играчот на Блокотехна, Марко Дујковиќ кој играше минатата година. 
 
На располагање на Давитков на утринскиот тренинг му се ставија: Александар Костовски, Андреј Магдевски, Бобан Стајиќ, Андреј Маслинко, Адем Мекиќ, Дарко Соколов, Димитар Караџовски, Дамјан Стојановски, Војдан Стојановски, Стојан Ѓуроски, Кирил Николовски, Љубомир Младеновски, додека Ненад Димитријевиќ, Бојан Крстевски и Дамјан Стојановски ќе им се приклучат на останатите на попладневниот тренинг.