Ракомет
5. November 2016 - 15:58

Без одбрана нема позитивен резултат - Чешка – Македонија 35:28

Нов пораз на македонската ракометна репрезентација на гостување во Плзен од селекцијата на Чешка. Во дуел од 2.коло од квалификациите за ЕП 2018 Чешка ја победи Македонија со 35:28 (18:12).

По почетното испитување на силите и 3:3, противникот направи серија од 7-0 за водство од 10:3, кон средина на првиот дел. Во периодот од првите 15 минути нашите ракометари во напаот направија 4 технички грешки, а дури во 20.минута го постигнавме првиот гол од позиционен напад бидејќи претходно Кирил Лазаров реализираше три седмерци и Манасков еднаш погоди од контра. Во 20.минута клупата на Чешка побара тајм аут,а тоа го искористи Македонија и со играч повеќе нашата репрезентација направи серија од 4-1 и намали на 12:8. Во финишот на првиот дел домаќинот повторно имаше серија од 3-0, а во тој период имавме пак грешки во нападот и нереализиран седмерец (Лазаров).

Вториот дел почна добро за Македонија и намаливме на 19:16 за четири минути игра, по што следуваше тајм аут на Чешка. По него противникот направи серија од 9-4 за највиските во тој момент 28: 20 во 48.минута. Во овој дел од играта голманот на Чешка Мартин Галија имаше серија од четири одбрани. Во 53.минута Чешка пак поведе со +8 (30:22).

Во 55.минута Чешка поведе и со +9 (32:23) преку расположениот Петровски, и во овој период не реализиравме седмерец (Манасков).

Најдобар на натпреварот беше голманот на Чешка Галија со 14 одбрани, а најефикасен Хрстка со 10 голови. Кај Македонија Кирил Лазаров постигна 9 голови, а Дејан Манасков 8.

Следен противник на Македонија во квалификациите за ЕП ни е селекцијата на Исланд во мај следната годинана домашен терен.

 

Од Плзен, Марјан Ников

Фото: Игор Паневски