Македонија
25. November 2022 - 16:48

Без инциденти но под силно обезбедување се отвори Бугарски културен центар во Скопје

Со полициски кордон и затворен пристап за пешаци, вака изгледаше отварањето на новите простории на  бугарскиот културно информативен центар во Скопје. Настанот помина мирно без инциденти и протести.  

На отварањето беа пристуни голем број македонски и бугарски медиуми, а највпечатливи беа гостите од бугарскиот парламент кои се познати по своите радикални ставови за македонското прашање. И покрај ова министрите за култура испратија пораки за обединување преку соработка во областа на културата. 

Министерката Костадиновска со критика за изјавата на бугарскиот пратеник од политичката партија „Преродба“ кој Македонија ја нарече втора бугарска држава.  

Костадинов и оваа прилика ја искористи бурно да ги одбрани своите ставови па дури и влезе во конфронтација со македонските новинари. 

Бугарскиот КИЦ е сместен во близина на плоштадот Македонија, за прв пат е основан во 2006 година по Договорот меѓу двете влади од април 2003 година и е финансиран од бугарската Влада. 

Ист таков македонски културен центар со години работи во Софија. За разлика од овие центри, бугарските клубови со контроверзни имиња кои се отворија во неколку македонски градови се финансирани од здруженија на граѓани.