Македонија
12. December 2018 - 10:37

Без храна е Интернатот во Кавадарци, од МОН најавуваат решавање на проблемот во најскоро време

Без храна веќе три дена е Интернатот за средношколци кои од други места престојуваат и учат во Кавадарци,  реагираат нивни блиски во изјава за МИА.

-Според нашите информации, ученичкиот дом должел за храна над 150 илјади денари, па набавувачот одбивал да носи јадење за средношколците, додека не му биде платено. Од Министерството за образование не била платена партиципација за ноември и декември, појаснуваат тие.

Од Министерството за образование и наука, информираат за МИА дека поради ребалансот на буџетот, неопходно било да се направи и промена на програмите на Министерството за образование и наука, меѓу кои и Програмата за ученички стандард, преку која се исплаќаат и средствата за финансирање на работата на ученичките домови. Без измена на програмите, исплатите не можеле  да се реализираат.

Измената на Програмата за ученички стандард е усвоена и вчера објавена во Службен весник на Република Македонија, па веднаш била започната  и процедурата за префрлање на средства на ученичките домови, која очекуваат  да биде целосно заокружена за неколку денови.

-Дополнително, информираме дека со последните иницирани измени на Законот за ученички стандард, предвидена е можност Министерството за образование и наука да ги поддржи ученичките домови преку обезбедување дополнителни финансиски средства, надвор од планираните годишни буџети и одвоени парични износи по тој основ, а во насока на непречено одвивање на нивната работа, стои во писменото известување.

Тоа подразбира дека, согласно можностите ќе излегуваат во пресрет на нивните барања за обезбедување на дополнителни средства, за покривање на режиските заостанати и тековни трошоци, во интерес на континуираното обезбедување на оптимални услови за сместување, престој и едукација на учениците кои ги користат услугите на државните сместувачки капацитети.

Во домот во Кавадарци се сместени над 50 деца од цела Македонија, кои се школуваат во три средни училишта во овој град.