Македонија
29. March 2018 - 15:22

„Без галама“ - премиера на Македонскиот народен театар

Во Македонскиот народен театар задутре од 20 часот премиерно ќе биде изведена претставата „Без галама“ по текст на Мајкл Фрејн, колективно адаптирана и во режија на Тони Михајловски. 

Копродукција е меѓу МНТ и „Брачна игра“ и помогната од спонзори. Се работи за комедија на ситуации според комичната драма на британскиот автор Фрејн - „Noises Off“ од 1982 година, која кај нас е позната и сценски изведувана под насловот „Зад кулисите“. 

Актерката Весна Петрушевска, која игра лик на куќна помошничка, на прес-конференција рече дека „Без галама“ е претстава во претстава, и зборува за тоа што се случува на сцената - она што публиката може да го види, но со ротирачката сценографија дејството на претставата се случува и зад сцената.

Прес за Без галама

- Играме актер во актер, улогата на сцената е една, а улогата зад сцената е друга. Тоа се две задачи кои се обидовме да ги истражиме и играме. Претставата е напорна  и многу прецизна и не може да избегате и смените од формата која е задача во однос на актерската игра. Затоа имавме исклучително тежок процес. Текстот е адаптиран и е курентен на она што е тука и сега. Голем предизвик е да се постави комедија на ситуации на голема сцена. Досега имало два не многу успешни обиди за нејзино поставување, така што и тоа е уште еден предизвик, рече Петрушевска. 

Покрај неа, во двочасовната претстава играат и: Игор Џамбазов, Камка Тоциновски, Нино Леви, Арна Шијак, Александар Михајловски, Александар Ѓорѓиески, Емилија Мицевска, Стефан Спасов, а на сцената ќе биде и режисерот Михајловски кој денеска не присуствуваше на прес-конференцијата. Тој ја избрал и музиката за претставата, во која сценограф е Татјана Христоска, а костимите ги изработија Ивана Кнез и модниот бренд „Сињори“.

По премиерата на 31 март, „Без галама“ ќе има уште една изведба наредниот ден, а потоа на репертоарот  е на 14 април.