Македонија
22. September 2018 - 16:24

Бесплатни вакцини за грип за пензионерите, во продажба двојно поголем број

Околу 100.000 вакцини против грип ќе бидат набавени оваа година во Македонија. Бројката е трипати поголема од досегашните сезони. 28.000 дози ќе бидат бесплатни за лицата над 65 години и пензионери со ниски примања, најави министерот за здравство, иако беше најавено дека државата ќе набави околу 70.000 бесплатни дози, сепак оваа количина ќе биде распределена за комерцијална употреба, а заинтересираните граѓани прво ќе си платат 400 денари за да бидат вакцинирани во Центрите за јавно здравје низ државата.

-Кога зборуваме за бројка од близу 100.000 вакцини, зборуваме за вкупната бројка која ќе се набави. Бесплатните ќе бидат за пензионерите, а другите за комерцијална употреба, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство.

Статистиката од изминатите години покажува дека во една сезона се трошеле околу 30.000 вакцини за заштита од грип, приближно иста бројка колку и најавените бесплатни дози.

-Неможеме сега да претпоставиме дали некаква количина ќе остане, ќе разговараме и со други групи на граѓани да ја дадеме бесплатната вакцина, но проценките се дека тоа е приближно реалната бројка на граѓани коишто може и треба да се вакцинираат, додаде Филипче.

Филипче тврди дека и бесплатните и комерцијланите вакцини ќе бидат од ист производител. Постапката за нивна набавка е во тек, а според препораките на СЗО годинешната вакцина треба да штити од 4 типа на вируси кои се очекуваат да циркулираат и во земјава. Имунизацијата треба да почне за три недели.