Македонија
20. February 2016 - 10:54

Бесплатни курсеви по англиски за најмладите во Македонска Каменица

Општина Македонска Каменица стартуваше со нова програма за подобрување на предшколското образование. Дечињата од детската градинка „Бамби“ ќе учат англиски, но ќе имаат и редовна настава по физичко образование. Оваа активност, детската градинка ја спроведува во соработка со Општина Македонска Каменица, а курсевите ќе бидат факултативни и бесплатни.

Директорката на градинката Весна Јованова изјави за МИА дека ова е само уште еден чекор кон подобрување на програмите во предучилишното образование.

- Воведувањето англиски јазик во предучилишната установа е  во соработка со општината која ги покрива трошоците околу ангажирањето на наставник по англиски јазик. Интересот кај дечињата е голем, веќе има 100 дечиња кои сакаат да учат англиски, рече Јованова.

Таа потенцираше дека наставата по физичко образование ќе се изведува два пати во неделата и со оваа активност се опфатени сите дечиња во градинката, освен од јаслите.

Градоначалникот Дарко Митевски потенцираше  дека оваа активност е согласно со програма за најмладите во општината. Со овие активности се излегува пресрет на сите родители кои сакаат на децата да им пружат соодветна образовна надоградба и нивните деца подготвени да влезт во прво одделение.

- Ние ќе овозможиме бесплани курсеви и радува фактот што на почетокт имаше пријавено само 30 дечиња за да следат настава по англиски, а сега тој број е 100. Знаеме каква е потребата денес од познавање странски јазик, а со самиот факт што денес и децата од најмала возраст, денот го поминуваат пред компјутер, одлучивме да воведеме и задолжителни спортски активности со цел да придонесеме во нивниот правилен физички раст и развој, рече Митевски.

Општина Македонска Каменица најави продолжување на слични активности во детската градинка со цел правилен развој и соодветна подготока на дечињата за прво одделение.