Македонија
27. јуни 2019 - 16:44

Бесплатна промена на полот во Македонија

Промена на пол отсега на државна сметка во скопските клиники. Овие хируршки интервенции ќе ги покрива Фондот за здравствено осигурување и за еден осигуреник ќе плаќа околу  15 000 евра. За почеток операциите ќе ги прави познат српски хирург кој станал и визитинг професор на медицински факултет. Со тимот ќе работи на Детска хирургија додека биде отворен новиот оддел за реконструктивна урологија кој ќе го води македонски лекар. Министерот за здравство вели дека има заинтересирани лица за промена на полот, а еден од нив веќе и разговарал со странскиот хирург.

-Досега за овие интервенции плаќаа приватно во странство или во наши приватни болници. Сега ќе покрива фондот. Кога ќе почне зависи од времето на српскиот хирург. Ќе биде отворен и оддел за реконструктивна урологија и антропологија каде наш лекар беше на едукација за оваа намена, само административните процедури останаа, вели Венко Филипче, министер за здравство.

Новината Филипче ја соопшти на конференцијата за унапредување на правата на ЛГБТ кои и побарале оваа хируршка интервенција да им биде достапна во државното здравство. Претставници од оваа заеденица се пожалија со какви предрасуди се соочуваат во секојдневниот живот.

-Јас неможам со мојата девојка да се држам за рака, во банка ме прашуваат за родот и други предрасуди кои ги немаат хетеросексуалните парови, вели Биљана Гинова, ко-претседавач на ЕРА.

На Парадата на гордоста во сабота ќе има владини и невладини претставници како и учество од амбасадите во земјата.

-Ги повикувам граѓаните кои размислуваат поинаку, сепак да дадат поддршка на парадата бидејќи нејзиното мото е едно општество за сите, вели Мила Царовска, министер за труд и социјала.  

 Покрај парадата, во сабота ќе има и марш на гордоста на кој здруженија ќе ги промовираат традиционалните семејни вредности.