Loading Video...
Македонија
18. August 2021 - 16:48

Бесплатен ПЦР и вакцина за 450 Авганистанци кои доаѓаат оваа недела

Македонија да покаже хуманост и да им подаде рака на бегалците кои деновиве треба да пристигнат од Кабул, порача премиерот Заев. Тој објасни дека се работи за бројка од 450 цивили, жени и деца, меѓу нив и лица вработени во  меѓународни мисии, активисти и борци за човекови права кои биле поддржувачи на сојузничките сили на НАТО во Авганистан. За нив е подготвено хотелско сместување, вакцини и бесплатни ковид тестови, посочи премиерот. Трошоците на нивното сместување ќе биде на сметка на САД и меѓународните огрганизации, истакна премиерот.

Македонија заедно со Косово и Албанија се меѓу првите земји кои се понудија да  прифатат бегалци од Авганистан. Во Тирана веќе се поставуваат шатори за првите 300 Авганистанци, кои по здравствени прегледи ќе бидат преместени во студентски домови. Во меѓувреме во Европа се водат жестоки дебати за тоа дали и во кој број да се прифатат луѓето кои бегаат од Кабул пред налетот на Талибанците. Британците веќе одлучија во првата тура годинава да прифататат 5.000 бегалци, а крајниот таргет им е 20.000. Европските центри се уште размислуваат како да постапат стравувајќи и од бегалска криза како онаа во 2015 година, но се погласни се апелите. Авганситанците да бидат сместени во соседните Пакистан и Иран, дури и по цена прифатилиштата да бидат платени и спонзорирани од САД и ЕУ. Унгарците веднаш излегоа со став дека нема плаќаат за американските грешки и нема да ги отворат вратите за бегалците. Во меѓувреме во Авганистан во тек е евакуацијата преку аеродромот, но дел од бегалците се обидуваат да преминат преку граничните пунктови кои се под контрола на талибанската милиција. Се побројни се извештаите за претепувања и злоставувања на деца и жени во обид да избегаат од земјата.