Балкан
22. August 2017 - 11:38

Беснеат пожари во Хрватска, објавена тревога за сите пожарникари

Поради голем број пожари кои беснеат во Хрватска, објавена е тревога за сите пожарникари во земјата, изјави главниот командир на пожарникарската служба на Хрватска, Славко Туцаковиќ.

Пожарот на планината Промина тешко дека ќе биде локализиран, а на помош на пожарникарите им пристигнаа два канадера, два ер-трактора и 100 припадници на хрватската војска.

Началникот на Штабот за цивилна заштита на Градот Дрниш, Томислав Џелалија истакна дека пожарникари, локални жители, ловци и планинари успеале да го изгаснат пожарот во населеното место Лишњак, меѓутоа се уште гори во местото Велушиќ.

Автопатот кој од синоќа беше затворен за сообраќај поради пожар и голем број пожарникарски возила, од утрово е повторно во функција.

По триесетината пожари кои вчера избија во Задарската жупанија, најмногу претпоставки околу причините се дека тие се подметнати.