Македонија
9. February 2017 - 18:33

Беса: Поддршка од Хан за што поскоро формирање влада

Европската унија преку комесарот Хан е тука да ни помогне што поскоро да излеземе од оваа криза. Не сакаат да се мешаат во нашите внатрешни работи, но тука се за да помогнат што поскоро да направиме нова влада и конечно да излеземе од економската, политичката и институционалната криза, изјави Африм Гаши, генерален секретар на движењето „Беса“ по средбата со еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан.

- Хан не охрабрува ние како политички партнери кои имаме доверба од граѓаните да почнеме да разговараме и да дојдеме до решение. Се зависи од нас. Никиј од надвор ништо не ни наметнува, рече Гаши по средбата на која присуствуваа лидерот Билал Касами и дел од нивните пратеници.

На новинарско прашање тој истакна дека пратениците на „Беса“ се подготвени да ги дадат потписите за лидерот на опозициската СДСМ за добивање мандат за формирање влада, но нагласи дека во однос на конституирањето на самата влада тоа е друг процес за кој ќе преговараат.

- Ако нешто во тие договори е во спротивност со нашите принципи, секако дека нема да бидеме дел од таа власт. Но сакаме да покажеме со сите наши постапки дека сакаме да помогнеме на кој било начин Македонија да излезе од кризата, посочи Гаши.

Според него, поддршката за новата влада ќе зависи од тоа каква политичката платформа таа има и кои ќе бидат предлозите за министри, појаснувајќи дека нивен став е во владата да нема инкриминирани лица. Доколку мандатарот предложи министри кои се инкриминирани, имаат отворени процеси во Јавното или во Специјалното обвинителство, ние за таква влада нема да гласаме, додаде Гаши.

Тој истакна дека се уште нема иницијатива за преговори од страна на СДСМ, но дека нивната поддршка за нов мандатар е јасно покажана и прашањето го сметаат за техничко.

Во меѓувреме, еврокомесарот Хан одржа средба со Зијадин Села од Алијасната за Албанците.