Македонија
6. March 2020 - 18:20

БЕСА и СДСМ најавуваат победа, ВМРО-ДПМНЕ прашува дали Заев ќе си поднесе оставка по поразот

СДСМ и БЕСА ја усогласуваат програмата за претстојните предвремени парламентарни избори. Според генералните секретари на двете партии, првата предизборна македонско-албанска коалиција ќе работи на рамноправен развој во сите сфери и области.

Најавуваат дека ќе продолжат клучните и темелни реформи во правосудството. Врвен приоритет на коалицијата е европската интеграција на Македонија.

Сепак, бројот на кандидати кои ќе ги добие БЕСА ќе се знаат по Конгресот на СДСМ в понеделник. До тогаш, партиските тела на двете партии ќе прават евалуација на можните кандидати.

-Со чесна и одговорна понуда победничката коалиција на СДСМ и БЕСА претендира да освои најмногу мандати во 6. Изборна единица, што е генерално мерило за легитимитетот пренесен од гласачите Албанци. Но за очекување е дека оваа коалиција ќе победи во сите останати пет ИЕ, рече генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски.

-Задоволни сме акко досега тече соработката во оваа коалиција. Со секоја нова наша средба сме уште посигурни дека ова е победничка коалиција и ќе даде нов квалитет на односите на поголемите заедници. И во програмска и во кадровска смисла оваа коалиција пред граѓаните излегува со понуда која е во интерес на сите граѓани.

И опозициската ВМРО-ДПМНЕ е убедена во победа на изборите. Оттаму велат дека поранешниот премиер е истрошен политичар чиј рејтинг е во слободен пад.

-Јавно прашување она што ги интересира граѓаните, но и сите нас, тоа е да одговори веднаш Зоран Заев, дали сега на 12-ти април кога ќе ги изгуби изборите ќе си поднесе оставка? И ако каже дека ќе си поднесе оставка, очекуваме барем еднаш, барем овој пат да си додржи до зборот и на тој начин да ја ослободи СДСМ, но и Република Македонија од своето штетно политичко дејствување, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Според Арсовски, граѓаните доволно биле заложници на криминалот, лицемерието, лагите и корумпираноста на Заев. Вели дека претстојните избори се избор помеѓу чесната понуда, принципите и реалната програма која ја нуди ВМРО-ДПМНЕ и криминалните тендери, рекетот, растечката корупција на СДСМ. Според Арсовски, откако СДСМ ќе загуби на изборите, Заев ќе одговара за се што направил.