Македонија
27. November 2015 - 17:04

Берто: ЕУ не може да им се меша на Македонија и Србија за економските мигранти

Европската комисија денеска призна дека Европската унија не може да се меша во внатрешните работи на Република Македонија и на Србија во однос на (не)прифаќањето на мигрантите што во огромен број доаѓаат на нивните грании, јави дописникот на МИА од Брисел. Портпаролката на Еврокомисијата задолжена за миграциски прашања, Наташа Берто, запрашана на прес-конференција како Брисел гледа на забраната за влез на сопствена територија на економски мигранти, што веќе една недела ја спроведуваат Македонија и Србија, одговори дека ЕУ нема надлежност за одлуките на овие две земји.
 
- Европската агеција за граници “Фронтекс” оперира само во Европската унија и во рамки на земјите-членки на ЕУ. Трети земји како овие две (н.з. Македонија и Србија), ние не можеме да регулираме како тие можат да враќаат економски мигранти на друга територија, истакна Берто.
 
Со овој став на гласноговорничката, неформалната Влада на ЕУ даде до знаење дека селектирањето што македонските и српските погранични служби го имаат во однос на мигрантите, односно пропуштање само на лица од Сирија, Ирак и Авганистан (територии зафатени од воен виор) е на еден начин премолчено одобрено од страна на Брисел. Ова посебно што и Хрватска и Словениja го прават истото, а двете се членки на Европската унија, додека Словенците се и во рамки на Шенген-зоната.