Македонија
10. February 2019 - 15:41

Берлинале: Приказната за штипјанката што скокна по крстот ја возбуди филмската критика

Македонскиот филм „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска, што е во официјалната конкуренција на Берлинскиот филмски фестивал, денеска во 9 часот беше прикажан пред новинарите и филмската критика. Проекцијата беше проследена со аплауз, а прес-конференцијата предизвика голем интерес кај новинарите.

На бројните прашања одговараа режисерката Стругар Митевска, продуцентката и актерка Лабина Митевска, актерката Зорица Нушева и сценаристката Елма Татарагиќ.

Оваа приказна е снимена по веродостоен настан што се случил во Штип, кога жена скокнала по крстот за Водици во река, предизвика лавина од прашања за позицијата на жената во малите средини и воопшто за севкупниот менталитет на малите средини.

– Овој вистински настан беше за мене голема провокација да го сработам на филм. Тука приказната е повеќеслојна и отвора многу прашања за македонското општество. Ликот на Петрунија е сложен и оваа хероина со нејзиниот пркос се обидува да ја смени свеста и погледот на нештата заробени во традиционалните рамки, рече Стругар Митевска на денешната прес-конференција, јави известувачот на МИА од Берлин.

За актерка Зорица Нушева која првпат се појавува на големото платно, било лесно да се игра Петрунија бидејќи таа препознала многу сличности во карактерот.

– Голем предизвик беше да се одигра Петрунија. Таа е олицетворение на храбра жена која се обидува да ја смени својата позицијата во односот на семејството и институциите, рече Нушева.

Премиера на „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ е закажана за денеска во 16 часот, а за време на Берлинскиот филмски фестивал се организирани осум проекции.

Сценариото е на Стругар Митевска и Елма Татарагиќ, а во улогите покрај Нушева играат и Мони Дамевски, Суад Беговски, Стефан Вусиќ, Џевдет Јашари, Виолета Шапковска, Лабина Митевска. Директор на фотографија е Вирџини Сент-Мартен, а сценографијата е на Вук Митевски.

Филмот од македонска страна е поддржан од Агенцијата за филм, а во копродукција се Словенија, Хрватска и Белгија. Филмот доби поддршка од повеќе европски фондови меѓу кои „Еуроимаж“ и програмата на Кретивна Европа МЕДИА.