Свет
20. February 2017 - 15:13

Берлин: Русија го прекршува договорот од Минск

Официјален Берлин смета дека декретот на рускиот претседател Владимир Путин со кој привремено се признаваат пасошите издадени од властитe во отцепените украински територии е прекршување на мировниот договор од Минск. Според портпаролот на германската влада Штефан Зајберт оваа одлука на Русија не е прифатлива за Германија.

„Признавањето на патните документи издадени од самопрогласената Народна република Донецк е против единството на Украина и целосна противречност на се што беше договорено во Минск поради што е целосно неприфатлива“, изјави Зајберт на редовната прес-конференција во германската влада, јавува дописникот на МИА од Берлин.

Во врска со пасошите издадени од проруските власти во источна Украина се огласи и германското министерство за надворешни работи кое најави дека нема да ги признае овие патни докуенти и нивните носители нема да можат да ги користат за влез во Германија. 
Рускиот претседател Путин во саботата ги призна привремените патни документи кои се издаваат за граѓаните на отцепените украински територии а со кои засега може да се патува само во Руската Федерација.