Свет
10. December 2017 - 18:38

Берлин: Кина ја засилува кибер шпионажата

Кина ги користи социјалните мрежи во обид да дојде до извори на информации меѓу пратеници и други официјални претставници, додека во исто време кинеските хакери зачестено вршат упади во системите на европските компании, изјави директорот на германската Сојузна канцеларија за заштита на Уставот (БфВ), Ханс-Георг Масен. 
 
Тој нагласи дека според податоците на германското разузнавање, цел на кинеската шпионажа биле околку 10.000 жители на Германија, меѓу кои и голем број пратеници и вработени во државните служби. 
 
- Тоа е досега најобемен обид за инфрилтрирање во парламентите, министерствата и владините агенции, посочи Масен на прес-конференција во Берлин.
 
 
Според него, кинеската разузнавачка служба на социјалните мрежи, пред се на Линкедин, отворила голем број лажни профили на поединци, истражувачки институти и консултантски компании, преку кои се поврзува со ИТ инженери и други вработени во државните служби и нив ги користи со цел на „мала врата“ да упадне во компјутерските системи на владините институции и компании.  
 
Месен нагласи дека БфВ го зајакнала фокусот на одбрана од таквите закани, објавувајќи листа на најчесто користени лажни профили, меѓу кои се и оние под имиња Лили Ву, Летиција Чен и Алекс Ли, кои имаат голем број пријатели и атрактивни фотографии.
 
 
Шефот на БфВ соопшти дека службата на почетокот на годината формирала работна група, која во период од девет месеци ја следела злоупотребата на лажни профили на социјалните мрежи. 
 
- Утврдидме дека кинеските шпиони користат и шест организации зад чии имиња се кријат, а меѓу нив се „Association France Euro-Chinа“ и „Global View Strategic Consulting“, нагласи Масен.