Балкан
30. September 2015 - 17:10

Берлин ги прогласи сите балкански држави за „безбедни земји“

Според новите предлог-измени на Законот за азил, што германската Влада ги достави до Бундестагот, барателите на азил кои доаѓаат од Косово, Албанија и Црна Гора во иднина ќе бидат третирани како луѓе кои „генерално немаат безбедносни причини да се вратат дома“, јави дописникот на МИА од Берлин.

Со ставањето на листата на „безбедни земји“ на трите балкански држави, Германија се надева дека може да го спречи бранот на економски азиланти кои претставуваат околу 40 отсто од вкупниот број баратели на азил во земјата. Најголем дел од економските мигранти се од Балканот, односно од Косово и Албанија.
 
Со новите мерки и одлучувањето по барањата за азил и депортацијата на одбиените баратели ќе бидат со скратени процедури, со што Германија ќе заштеди десетици милиони евра.
 
На потегот на германската Влада, која донесе и низа други мерки меѓу кои се и намалувањето на финансиските придобивки на барателите на азил додека им се разгледуваат барањата, се спротивстаавува невладиниот сектор и меѓународниоте организации.
 
Првиот човек на „Амнести интернешнел“ во Германија, Селмин Калискан вели дека со мерките барателите на азил од т.н. безбедни земји ќе добијат нефер третман.
 
На новите мерки се противи и Советот за миграции составен од стотина германски експерти, кои сметаат дека се продолжува со трендот на рестрикции и поделби при третманот на азилантите. 
 
Со ставањето на Косово, Албанија и Црна Гора на листата на „безбедни земји“, според Берлин, на Балканот нема ниту една држава што генерира безбедносни проблеми за своите граѓани.
 
Лани во слична процедура на оваа листа на земји чии граѓани не можат да бараат азил во Германија беа ставени Србија, Македонија и Босна и Херцеговина.
 
Освен во специјални случаи на лична и семејна загрозеност, барањата за азил на граѓани од овие држави по кратка процедура се отфрлаат и тие се депортитаат во матичните земји.