Свет
5. October 2016 - 17:16

Берлин бара Лондон да го почитува „Лисабонскиот договор“ при Брегзит

Преговорите за заминување на Велика Британија може да започнат дури откако ќе биде активиран членот 50 од Лисабонскиот договор, е одговорот на официјален Берлин на најавата на британската премиерка Тереза Меј дека процесот на напуштање на ЕУ ќе започне во март, јавува дописникот на МИА од Берлин.

„Ја примивме пораката за напуштање на ЕУ искажана на партиска конференција од лидерката на конзервативците“ , изјави денеска портпаролот на германската влада Штефан Зајберт на прес-конференција во Берлин.

Според правилата на „Договорот од Лисабон“, почетокот на преговорите за напуштање на ЕУ може да се случи само откако Лондон ќе го активира членот 50 односно откако формално ќе ја информира ЕУ за своите намери по што следува двегодишен период за раздружување. 
Според најавата на Меј, доколку тоа се случи во март идната година Велика Британија треба да биде надвор од ЕУ до април 2019 година. Сепак рокот од две години може да биде пролонгиран доколку некој од националните парламенти на членките на ЕУ не го ратификува договорот со кои треба да замине Велика Британија. Условите за напуштање на унијата ќе бидат преговарани од два тима, еден британски и еден во име на останатите 27 земји членки на ЕУ.