Свет
30. August 2020 - 14:43

Белоруските власти распоредуваат тешка воена опрема и специјалци за протести во Минск

Голем број автобуси со беретки од специјалните воени единици на Белорусија, специјализирана воена опрема, како и воени камиони кои превезуваат војници се собираат во центарот на Минск, поради денешните очекувани големи антивладини протести организирани од белоруската опозиција.

Опремата и луѓето биле пренасочени од воената единица во Уручие, населба во североисточниот дел на Минск, јави Бгнес. Рано утрово тие поминаа низ Плоштадот на независноста во градот, за каде се закажани денешните антивладини демонстрации.

Во Белорусија на 9 август се одржаа претседателски избори. Според ЦИК, актуелниот претседател Александар Лукашенко освои 80,10 отсто од гласовите. Второто место го зазеде главниот конкурент на Лукашенко – Светлана Тихановскаја со 10,12 проценти од гласовите. По изборите во земјата започнаа масовни протести на луѓето кои не се согласуваат со резултатите од гласањето. На почетокот на протестите, кои траат веќе 22 дена, имаше судири со полицијата.