Свет
26. September 2022 - 9:53

Белгискиот министер за правда мета на киднапери поврзани за шверцот со дрога

Белгискиот министер за правда, Винцент Ван Квикенборн, е под засилена полициска заштита, обвинителството открива дека се работи за план за киднапирање, веројатно поврзан со подземјето и дрогата, јави дописничката на МИА од Брисел.    

Веста дека министерот за правда на Белгија е под засилена полициска заштита и не смее да се појавува на јавни настани беше потврдена во саботата од страна на белгиското федерално обвинителство, но без повеќе детали за причините. Од вчера почнаа да се откриваат детали. Министерот самиот на својот профил на Фејсбук напиша дека станува збор за обид за киднапирање. -Овој пат јас бев метата, но за жал многумина во полицијата и судството се соочени со ова, напиша Ван Квикенборн.

Според првичните судски извори во петокот наутро е забележана кола од марка Рено Меган со холандски регистарски таблици близу домот на министерот во градот Куртре, Белгија. Во автомобилот е откриена пушка од тип калашников и буре со бензин. Автомобилот е пријавен како украден во базата на податоци на полицијата. Изворите велат дека ваквото сценарио е „веќе видено“ кога станува збор за обид за киднапирање. Групата пристигнува со две возила, едното украдено кое ќе служи за киднапирање, потоа го палат со бензинот за да исчезнат секакви траги.

Во тој момент министерот е ставен под засилена заштита, а судството преку соопштението објавено во саботата „им испраќа сигнал“ на луѓето од криминалната група, велат безбедносни извори за белгискиот весник Ле Соар. Четири лица се уапсени потоа, но нејасно е дали „мозокот“ или „мозоците“ на оваа операција се меѓу нив. Уапсените имаат меѓу 20 и 48 години и се уапсени во Хаг, Холандија. Белгија сега чека нивен трансфер. Причината за овој обид за киднапирање треба да се бара во нарко-средината, откако во Белгија се отворени низа истраги поврзани со шверцот со дрога.

Белгија неодамна успеа да упадне во една од најтаинствените криптирани апликации за пораки „Скај ЕЦЦ“, најкористена во криминалните средини. Повеќе хипотези се на маса: дали криминалните групи со овој обид сакале да ја притиснат Белгија или да ослободат затвореници? Прашањата остануваат за сега без одговор. Она што станува сè поизвесно меѓутоа е дека Белгија се соочува со сериозен проблем кога станува збор за шверцот со дрога. Пристаништето во Антверпен е централно за овие криминални банди.

Само минатата недела е обелоденето дека федерален полицаец е уапсен откако му понудил милиони евра на цариник за да преземе пратка од повеќе киолграми кокаин. Само во 2021 се запленети 90 тони кокаин, а 30 тони меѓу јануари и јуни оваа година, односно 4,5 милијарди евра продажна цена. Некои експерти стравуваат дека Белгија станува „нарко-држава“.

Еден од нив објаснува дека третманот на необработените материјали сè помалку се прави во земјите производители, туку во Белгија, каде е полесно и поевтино, што потоа креира и повеќе насилство, како во случајот со министерот за правда. Експертите објаснуваат дека киднапирањето е една од најчестите активности на шверцерите, како во Мексико.

- Не е ништо чудно, освен што во овој случај мета е министер, што кажува многу за моќта и односот кон насилството на овие луѓе, објаснува Микаел Дантин, криминолог. Провалувањето на криптираната Скај ЕЦЦ очигледно одиграло голема улога во последните случувања, вели криминологот за весникот Ле Соар, бидејќи со тоа е разнишан системот на шверцерите и нивниот пазар, оставајќи долгови и лихвари на сите страни.