Свет
25. February 2019 - 23:30

Белгија става крај на уверенијата за невиност на жените

По препораката што Светската здравствена организација ја издаде лани во октомври, Белгија конечно им стави крај на тестовите и уверенијата за невиност на жените.

Тестовите за невиност традиционално се практикуваат во повеќе земји во светот, меѓу кои Мароко, Авганистан, Јужна Африка, Либија, но и Северна Ирска и Велика Британија се места каде таа пракса одамна постои. Белгија, Канада, Холандија, Шпанија и Шведска, иако немаат таква традиција бележат зголемување на барања за вакви уверенија во последните 100 години, како резултат на трендовите на глобализација – смета СЗО, која бара да им се стави крај.

Националниот медицински совет на Белгија одлучи дека лекарите во земјата треба да престанат со оваа пракса и дека не постои никакво оправдување да се бара уверение за невиност.

„Нема никаква медицинска или научна смисла да се практикува овој тест, притоа станува збор за тестови кои најчесто ги бара трето лице, а од етичка гледна точка сметаме дека секое лице слободно располага со своето тело и право што сака од својата сексуалност“, објаснува гинекологот Мартин Каје.

Според белгискиот национален медицински совет, тестови за невиност можат да бидат перципирани како агресија врз жените и подразбираат дискриминација во однос на мажите, за кои не постојат слични испитувања. Советот бара од своите членови да одбиваат да ги практикуваат овие тестови и да не издаваат такви уверенија доколку се побараат од нив.

Лекарите потсетуваат дека овие тестови не треба да се поистоветуваат со вештачењата врз пациентки жртви на сексуално насилство, кои се сосема различен вид испитувања и мораат да се одвиваат во услови на почитување на жртвата од страна на добро обучени специјалисти.