Свет
22. March 2017 - 12:44

Белгија одбележува годишнина од терористичките напади во Брисел

Белгија денеска одбележува една година од терористичките напади на аеродромот „Завентем“ и на метро станицата „Малбек“ во Брисел, при кои животите ги загубија 32 лица, а повеќе од 150 беа ранети.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, по тој повод, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер заедно со белгискиот премиер Шарл Мишел и други официјални лица,  денеска на платото пред Комисијата и Европскиот совет ќе открие споменик во чест на жртвите на терористичкиот чин.

Јункер утринава испрати соопштение во кое истакна дека „мина една година од ужасните напади од 22 март 2016 од кои заплака цела Европа“, а дека сеќавањето на жртвите останува и „засекогаш ќе остане во нашите глави и во нашите срца“.

- Со голема тага помислувам на секој од оние кои ги загубија животите, меѓи кои и нашата колешка Патриша Рицо, за страдањата што ги претрпеа ранетите и тага на нивните семејства и роднини. Би сакал да го изразам моето најдлабоко сочувство до секој од нив. Овие одвратни терористички напади го погодија срцето на Европа, тука во Белгија, нашиот главен град Брисел, повеќејазичен и мултинационален град каде што уживаме во заедничкиот живот во хармонија. Соочени со ова неверојатно и несфатливо насилство, оние од нас кои живеат во Брисел и во Белгија, со поддршка на сите народи на Европа, избраа да стоиме цврсто и да не губиме надеж, порача Јункер.

Според челникот на Европската комисија, во текот на ова „тешко искушение“, Европејците застанале заедно во борбата против тероризмот, која „се заканува на европската безбедност и мирот во светот“. 

Јункер посочи дека ЕУ ја покажала својата решеност да ги брани своите вредности и слободи, без разлика на се.

- Тоа е причината зошто терористите не успеаја, бидејќи одговоривме на омразата и насилството со обновена решеност да ја браниме демократијата и мирниот соживот на различностите. Мораме да ја градиме нашата иднина на овие благородни идеали, кои ние Европејците ги сметаме за свети. Ние тоа го должиме на секоја од жртвите на овие напади, заврши Јункер во неговото соопштение по повод годишнината од бриселските терористички напади.

 

По повод годишнината од нападите јавниот транспорт во Брисел денеска беше запрен во траење од една минута во 9:11 часот, моментот во кој беше извршен нападот на метро станицата „Малбек“.

Од сите патници во јавниот превоз беше побарано со едноминутно молчење да им оддадат почит на жртвите.

Претходно, 26 минути беше затворен воздушниот простор над Брисел, со цел „со целосен молк да им се оддаде почит“ на загинатите при нападот на аеродормот „Завентем“.