Свет
7. December 2017 - 23:31

Белата куќа не се откажува од средбата Пенс-Абас

 Американската Администрација и натаму очекува да се одржи средбата меѓу потпретседателот на САД, Мајк Пенс и палестинскиот лидер Махмуд Абас, предвидена за 19 декември во Витлеем, соопшти вечерва Белата куќа.
 
- Потпретседателот се уште има намера да се сретне со Абас, како што е планирано. Можното откажување на средбата би било контрапродуктивно, оцени Белата куќа.
 
Реакцијата на Белата куќа следи по изјавата на претставникот на Движењето за ослободување на Палестина (Фатах), Џибрил Раџуб дека Абас ја откажал планираната средба со Абас.
 
- Таква средба нема да има. (Пенс) не е пожелен во Палестина, изјави Раџуб.
 
Откажувањето на средбата, што требаше да се одржи во рамки на турнејата на Пенс на Блискиот Исток, следи по одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за признавање на Ерусалим за главен град на Израел и издавањето наредба на Стејт департментот за преместување на Амбасадата на САД од Тел Авив во „Светиот град“.
 
Таквата одлука на Трамп, Абас ја оцени како „повлекување на САД од мировниот процес на Блискиот Исток“.
 
Претходно, како што јави МИА, портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс изјави дека одлуката на Трамп не е сигнал дека САД се повлекуваат од мировниот процес.