Свет
21. August 2016 - 19:48

Белата куќа го осуди нападот во Газиантеп

Белата куќа денеска го осуди нападот на свадба во Турција и соопшти дека американскиот потпретседател Џо Бајден ќе разговара со турските власти за време на неговата посета на земјата за борбата против тероризмот.

- Сторителите на овој варварски чин цинично и кукавички како цел на нападот избраа свадба, усмртувајќи и повредувајќи десетици луѓе, се наведува во соопштението од портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа.

Претходно, високата претставничка на Европска унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан го осудија синоќешниот напад и изразија сочувство на Турција за жртвите во самоубиствениот напад во Газиантеп.

Могерини и Хан во заедничката изјава ветија дека ЕУ ќе дејствува заеднички со Турција за зачувување на безбедноста, демократијата и мирот.

И германската канцеларка Ангела Меркел и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг го осудија нападот во Газиантеп.

 турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека бомбашот-самоубиец кој го изведе нападот на свадба во градот Газиантеп бил на возраст од 12 до 14 години.

Во нападот загинаа 51 човек, а 69 се повредени, од кои 17 потешко.

Ердоган наведе дека за нападот најверојатно е одговорна Исламска држава.

Се уште никој нема преземено одговорност за синоќешниот напад.