Свет
13. November 2021 - 8:47

Белата куќа е загрижена поради ситуацијата на границата меѓу Полска и Белорусија

Американскиот претседател Џозеф Бајден изрази голема загриженост поради мигрантската криза на границата меѓу Полска и Белорусија.

– Изразивме загриженост до Русија и Белорусија, рече Бајден доцна синоќа пред да замине на викендот што го поминува во претседателската резиденција во Кемп Дејвид.

Западните земји го обвинуваат белорускиот претседател Александар Лукашенко дека го организира пристигнувањето на мигрантите на границата со Полска, членка на Европската унија (ЕУ), како одговор на санкциите на ЕУ воведени против Белорусија поради репресија на опозициските демонстранти.

Потпретседателката на САД, Камала Харис, која е во посета на Франција, вчера рече дека активностите на Белорусија се „многу загрижувачки“.

САД редовно го критикуваат режимот на Лукашенко и се меѓу земјите кои воведоа санкции против Белорусија.

На крајот на јули Бајден ја прими белоруската опозиционерка во егзил, Светлана Тихановскаја.